Европа

Сè уште беснеат пожарите на северозападот во Шпанија

20.08.2025 08:45

Во земјата пристигнаа и противпожарни единици од Германија. Над 20 возила се распоредени за да помогнат во гаснењето на тековниот пожар во Јариља во регионот Екстремадура, кој граничи со Португалија

Шпанските пожарникари и натаму се справуваат со пожарите што беснеат на северозападот низ шумите во Галиција. Во земјата пристигнаа и противпожарни единици од Германија. Над 20 возила се распоредени за да помогнат во гаснењето на тековниот пожар во Јариља во регионот Екстремадура, кој граничи со Португалија. Премиерот Санчез, кој ја увиде ситуацијата на терен, најави дека погодените подрачја ќе прогласи за зони на катастрофа и вети владина поддршка за заедниците погодени од пожарите. На почетокот од септември рече дека ќе предложи национален државен пакт за справување со климатските промени.

„Доколку климатската криза продолжи да се влошува од година во година, она што мора да го направиме е да ги претвориме политиките за климатска криза во државни политики што ги обврзуваат сите институции и сите лидери. Гледаме како се забрзува и станува особено сериозна на Иберискиот Полуостров секоја година“, изјави Педро Санчез, премиер на Шпанија.

Во шумските пожари досега загинаа четири лица, додека над илјада луѓе починаа поради топлотниот бран и високите температури.