В сабота почнува увидот во Избирачкиот список
Граѓаните можат да поднесат барање за запишување, дополнување или бришење на податоци до подрачните одделенија на ДИК, месните канцеларии или по електронска пошта...

Во пресрет на локалните избори на 19-ти октомври, јавниот увид во Избирачкиот список ќе се спроведува од 23-ти август до 11-ти септември. Граѓаните можат да поднесат барање за запишување, дополнување или бришење на податоци до подрачните одделенија на ДИК, месните канцеларии или по електронска пошта. Истото право го имаат и лицата во притвор или затвор.
ДИК е должна да одговори по барањето во рок од 24 часа, а одбиените граѓани можат да поднесат тужба до Управниот суд, кој решава во истиот рок.
Барањето за доставување на Избирачкиот список политичките партии го доставуваат до ДИК по електронски пат, најдоцна на 11-ти септември. ДИК во рок од три дена (најдоцна на 14-ти септември) од денот на завршување на јавниот увид, Избирачкиот список го доставува до политичките партии кои доставиле барање до денот на завршување на јавниот увид. До 19-ти септември партиите можат да поднесат барања за промени, на кои ДИК одлучува во рок од три дена.
До 18-ти септември, МВР, судовите и надлежните институции се должни да достават податоци за нови гласачи, лица во притвор, установи за згрижување и лица без деловна способност.
Заклучениот Избирачки список ќе биде потпишан најдоцна на 3-ти октомври.
