Свет

Воениот врв на НАТО расправа за Украина

20.08.2025 10:03

Воениот врв на НАТО ја разгледува ситуацијата во Украина, откако сојузниците во Вашингтон дадоа безбедносни гаранции за Киев. По средбата во Белата куќа и европските лидери ги усогласуваа ставовите. Украинците и Русите со различни очекувања...

Воениот врв на НАТО ја разгледува ситуацијата во Украина, откако сојузниците во Вашингтон дадоа безбедносни гаранции за Киев. Иако Трамп ја исклучи можноста за испраќање американски трупи на терен, вели дека е подготвен да обезбеди воздушна поддршка како дел од договорот за завршување на војната.

„Кога станува збор за безбедноста, Европа е подготвена да испрати луѓе на терен. Подготвени сме да им помогнеме со ресурси, особено, веројатно со воздушни средства“, изјави претседателот на САД, Доналд Трамп.

По средбата во Белата куќа и европските лидери ги усогласуваа ставовите.

„Сега е време да ја забрзаме нашата практична работа за да воспоставиме гаранција слична на Член 5 на НАТО, со континуирано ангажирање на САД. Коалицијата на подготвените треба да остане тесно вклучена во овој процес“, изјави Антонио Кошта, претседател на Европскиот совет.

Полскиот премиер Туск изјави дека лидерите на Коалицијата на подготвените веќе ја потврдиле континуираната поддршка за Украина во војната со Русија, во момент кога ЕУ подготвува нов пакет санкции за Москва. И додека Трамп турка во следните недели да се одржи првата средба Путин-Зеленски, Кремљ ги намали надежите дека таа наскоро ќе се случи.

„Секој состанок би требало да се подготвува постепено, почнувајќи од експертско ниво, а потоа да се поминат сите потребни чекори. Сите контакти во кои се вклучени високи функционери треба да се подготвуваат многу внимателно“, рече Сергеј Лавров, министер за надворешни работи на Русија.

Украинците и Русите со различни очекувања. Додека едните оптимистички веруваат дека гаранциите на САД ќе донесат резултати и средбата меѓу лидерите наскоро ќе се случи, другите воопшто не мислат дека тоа е можно додека не се договорат отстапки за територии.

„Како и секој Украинец, се надевам дека секоја рунда разговори ќе донесе позитивен резултат“, вели Лујдмила, жителка на Киев.

„Мислам дека оваа средба нема да се одржи сè додека не се договорат за техничките аспекти на размената на територии. Штом страните го договорат тоа, тогаш сè ќе се случи многу брзо“, вели Денис Јашин, жител на Москва.

ОН со силна поддршка за дипломатските напори за решавање на конфликтот.

„Многу е важно сите вклучени страни да продолжат активно да се ангажираат во она што сакаме да го видиме како инклузивен дијалог за да се одржи важниот моментум што беше создаден за да се донесе итен прекин на огнот и одржлив мир во Украина“, изјави Стефан Дужарик, портпарол на ОН.

Наспроти дипломатијата, војната со дронови продолжува на фронтот.

Бојана Крстевски