„Приказната на Електра“ за затворање на „Охридско лето“
Димоски и Пројковски создаваат автентичен театарски ракопис што значително го збогатува и развива театарот во регионот, а нивните индивидуални интернационални кариери се препознатливи и наградени дома и во странство.

Годинешното издание на Фестивалот „Охридско лето“ ќе биде затворено со европската премиера на театарската претстава „Приказната на Електра“, работена според текст на Сашо Димовски, режија на Дејан Пројковски, во копродукциска изведба на Театарска асоцијација на Јужна Кореја, АРТЕМА – Театарска лабораторија и Националната установа „Охридско лето“.
Оваа инсценација на митот за Електра има цел да создаде универзален сценски јазик чија парадигма се потпира на синтезата меѓу силните аудиовизуелни слики, говорот на телото и минималниот јазичен текст.
Митот за Електра, што во својата основа ја има одмаздата на децата за убиениот татко насочена кон сопствената мајка, одново ќе ги донесе на сцената вечните етички теми кои ги тангираат семејните релации, општествените корозии и потребата од катарза.
Димоски и Пројковски создаваат автентичен театарски ракопис што значително го збогатува и развива театарот во регионот, а нивните индивидуални интернационални кариери се препознатливи и наградени дома и во странство.
Улогите во претставата ги толкуваат Ким Чоин како Електра/Ифигенија, Ким Сеонг-ми како Клитемнестра/Касандра, Чои Минхјук ја носи улогата на Орест, Јанг Мин Ки е Агамемнон, а Ха Џин е Егист.
Претставата ќе се игра на Големата сцена на Центарот за култура „Григор Прличев“ со почеток во стандардниот фестивалски термин од 21 часот.
