Ретроспективна изложба на Жанета Вангели во „Чифте амам“
Жанета Вангели активно твори и учествува на македонската ликовна сцена од средината на 1980-тите, па до денес, навестувајќи ги антиципациските текови на уметноста со моќен, интуитивен, директен, пробивен, семантички конципиран и длабоко конотиран авторски израз...

Ретроспективна изложба на Жанета Вангели ќе биде отворена утревечер, во 20 часот, во „Чифте амам“. Кураторка на проектот е Маја Крстевска, а стручен соработник е Горанчо Ѓорѓиевски.
Изложбата ќе ја отвори директорот на Националната галерија на Македонија, Али Синани, а пригодна реч за ликовниот опус на уметницата Жанета Вангели ќе даде кураторката на изложбата, Маја Крстевска. Авторката на изложбата, Жанета Вангели, со свое обраќање ќе ја поздрави публиката.
Жанета Вангели активно твори и учествува на македонската ликовна сцена од средината на 1980-тите, па до денес, навестувајќи ги антиципациските текови на уметноста со моќен, интуитивен, директен, пробивен, семантички конципиран и длабоко конотиран авторски израз. Внесувајќи нови и радикални промени во визуелниот хоризонт на овие простори, со ова ретроспективно претставување, таа одново го актуализира прашањето за релевантноста на ликовниот говор низ тропите на современата уметничка агора.
Изложбата ќе биде поставена до 14-ти септември.
