Се спушта завесата на 65-то издание на фестивалот „Охридско лето“
Се спушта завесата на фестивалот „Охридско лето“. Свеченото затворање е вечерва со претставата „Приказната на Електра“ во режија Дејан Пројковски. Изминатите 40 фестивалски денови најпрестижната културна манифестација во земјава донесе врвни уметнички содржини и настани …

Со европска премиера на театарската претстава „Приказната на Електра“, во режија на Дејан Пројковски се спушта завесата на 65-то издание на фестивалот „Охридско лето“. Станува збор за копродукциски проект со театарската асоцијација од Јужна Кореја, драмско доживување кое го привлече вниманието на 43-тиот Корејски театарски фестивал во Инчон.
„За прв пат на фестивалот Охридско лето, така и го завршуваме фестивалот со спектакуларни визуелни трансформации и визуелни ефекти. Маестралниот Дејан Пројковски, како и еден од најистакнатите македонски режисери на денешницата, заедно во копродукција со Националниот театар од Кореја“, изјави директорот на фестивалот Ѓорѓи Цуцковски.
Полни гледалишта, аплаузи, бисови, незаборавни импресии и уметнички доживувања го одбележаа јубилејното издание на фестивалот „Охридско лето“.
„Посебно сум горд на самиот податок што од спектакуларното отворање па до денес затворањето на фестивалот, имаме статистички рекордна посетеност, рекордна продажба на билети, рекордни финансии од нашите спонзори и помагатели, голем број на уметници од сите светски меридијани, уметници коишто ретко настапуваат во денешницата“, додава Цуцковски.
Изминатите 40 фестивалски денови најпрестижната културна манифестација во земјава донесе врвни уметнички содржини и настани, а стотици домашни и светски уметници од музичката и драмската сцена оставија свој личен белег.
Соња Рилковска
