Кривичен суд

Никогаш не сум го прекршил Законот, тврди поранешниот директор на затворот во Шутка

20.08.2025 12:52

Поранешниот директор на затворот во Шутка, Филип Андов седна на обвинителна клупа. Му се суди за злоупотреба на службената положба, дека дозволил петмина затвореници за приватни потреби да се шетаат надвор од затворот. Со него се обвинети и седуммина затворски полицајци. Рочиштето се одложи за да може одбраната да изврши увид во новите докази...

Во моето три и пол годишно раководење со затворот во Шутка, никогаш не сум го прекршил Законот за извршување на санкциите. Ова го тврди поранешниот директор Филип Андов кој е обвинет дека пуштал затвореници да си одат дома. Во процесот се опфатени и седуммина затворски полицајци, за кои директорот тврди – работеле чесно.

На обвинетите им се суди за злоупотреба на службената положба и за несовесно работење во службата. Седнаа на обвинителна клупа, но рочиштето се одложи за да може одбраната да изврши увид во доказите.

Обвинителството тврди дека обвинетите од март до јуни 2024 година им овозможиле на петмина осуденици да бидат спроведени до нивните домови или други локации за приватни потреби, иако такви погодности не им следувале.

Анита Димитријевска – Велковска