Регион

Втор ден блокирана зградата на судот во Нови Сад

20.08.2025 13:33

Протестите низ Србија ноќеска минаа мирно и во помалку тензична атмосфера од претходните денови. Судската зграда во нови САД и денеска како и вчера блокирана, полицијата им дозволува на вработените да влезат непречено. На седницата на Советот за национална безбедност било оценето дека безбедносната состојба во земјата е стабилна...

Втор ден по ред блокирана зградата на судот во Нови Сад. Причините според демонстрантите се неоснованите апсења на учесници на протестите и ослободување на притворените. Српското Министерство за правда го осуди чинот и порача дека насилниците нема да ја спречат работата на институциите. Полицијата им обезбеди непречен влез на вработените.

Синоќешните протести минаа мирно и во помалку тензична атмосфера од претходните денови. Денес маршови на 50 места низ Србија со порака: народот се крена, повеќе нема да трпи блокада на животот и насилство.

Канцеларијата на ОБСЕ за демократски институции и човекови права објави дека српските власти мора да овозможат „мирни собири без неоправдана или прекумерна употреба на полициска сила“, со оценка дека „промовирањето на дијалогот и одговорноста е најдобриот начин за деескалација на моменталните тензии“

„Србија има обврска да овозможи мирни собири без неоправдана или прекумерна употреба на полициска сила и да спречи насилство – во согласност со своите обврски за човекови права“- напиша ОДИХР на социјалната мрежа X.Безбедносната состојба во Србија стабилна-е оценката од седницата на Советот за национална безбедност. Директорот на српската полиција, порача дека нападите врз полицијата во суштина значат напад врз државата.

„Анализирајќи ја безбедносната состојбата на територијата на република Србија, констатиравме дека ситуацијата низ цела Србија е стабилна. анализиравме и одредени потребни методи начини на работа како таа состојба да биде уште подобра. беше донесен заклучок дека е неопходна целосна координација на сите служби и државни органи за да се обезбеди и понатаму безбедносната состојба да остане целосно стабилна“, изјави Драган Васиљевиќ – директорот на српската полиција.

Во претходните девет месеци, од кога траат протестите во Србија имало над 20.000 ненајавени собири низ земјата, а сообраќајот бил блокиран на над 12.000 локации.

 

Катерина Бојаџиева