мвр

Тошковски: Очекувам правда во разумен рок

20.08.2025 13:03

Министерот Тошковски апелира за брза разврска на случајот со пожарот во дискотеката во Кочани. Во гостувањето во Утринската програма на Јавниот сервис рече дека системот „Безбеден град“ е веќе инсталиран, а од тоа што може да се види досега, бројот на прекршоци е фрапантен...

И додека се чека оценката на Судот за обвинителниот акт за незапаметената трагедијата во дискотеката во Кочани, министерот за внатрешни работи Тошковски апелира за брза правда со цел да се врати надеж во институциите на државата. Очекува разврска во разумен рок. Како што рече од страна на ресорното министерство преземени се сите неопходни дејствија, поднесени се кривични пријави, постапи по наредба на јавен обвинител и ги достави сите докази до Обвинителството.

Од 1 јануари следната година почнува да функционира системот „Безбеден град“, вели Тошковски. Системот е веќе инсталиран, камери има на сообраќајниците. Од тоа што може да се види досега, министерот вели дека бројот на прекршоци е фрапантен. Сепак на граѓаните ќе им се остави еден месец прилагодување со што во тој период ќе добиваат само известување за сторен прекршокот. За Тошковски најважно е да смени менталитетот на граѓаните кои во странство умеат да ги почитуваат сообраќајните правила.

Министерот за внатрешни посочи дека Македонија е безбедна земја за живеење, нотираше дека бројот на кривични дела во споредба со 2023 е намален за околу 2.000. Бројот на полициските припадници е доволен оценува Тошковски, проблемот досега бил во мобилноста. Со новите законски измени, за осум месеци од сега ќе биде вратен и концептот на реонски полицаец.

 

Марина Стојанова-Тонева