Влада

Државата го доби случајот со „Казандол“, заштедени се 115 милиони евра

20.08.2025 17:06

Државата го доби случајот со „Казандол“, заштедени се 115 милиони евра. Од осум активни меѓународни арбитражни постапи, оваа влада успешно заврши три во полза на Македонија, вели портпаролката Митева. Доведени биле во ризик државниот буџетот и меѓународниот углед...

Оваа победа не е само правен успех, туку јасна порака дека државата може да ги брани своите интереси кога настапува организирано, со посветеност и со сериозна работа – велат во Владата по добиениот арбитражен спор за рудникот „Казандол“. Премиерот Мицкоски потенцира дека во минатото како по правило се губеле овие спорови, па треба да се истражи зошто е тоа така. Сега веќе од осум наследени арбитражни постапки добиени се три.

И додека во Владата прашуваат зошто токму во периодот на претходната влада биле отворени многу меѓународни спорови, дали всушност се создавал терен за вонсудско решавање на споровите и начин за испумпување на пари од буџетот на граѓаните, и зошто владини претставници во април 2023-та се среќавале со тужителот во Виена, екс вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи вели дека концесијата за „Казандол“ била симбол на коруптивна зделка.

„Судските рочишта се затворени во 2023 година. Арбитражниот суд носи конечна пресуда во рок од две (2) години по завршните зборови. Тимот што ги застапуваше правата на нашата држава во целиот тој процес се водеше со јасни определби и насоки од страна на мојот кабинет во претходната влада“, изјави Фатмир Битиќи.

Од Владата на Мицкоски посочуваат дека Казандол нема да биде отворен.

Миле А. Ристески