Економија

Мицкоски: Најновите параметри во земјоделството значат повеќе храна, а помалку увоз

20.08.2025 16:02

Премиерот позитивно го оценува зголемувањето на приходот при производство на земјоделските производи, бидејќи повеќе пари остануваат за земјоделците кои можат да ги реинвестираат. И цената за производство е зголемена, нешто за што претходно се жалеа земјоделците, но соодносот е 1 спрема 10...

Најновите параметри во земјоделството значат повеќе храна, а помалку увоз, вели премиерот Мицкоски. Тој позитивно го оценува зголемувањето на приходот при производство на земјоделските производи, бидејќи повеќе пари остануваат за земјоделците кои можат да ги реинвестираат. И цената за производство е зголемена, нешто за што претходно се жалеа земјоделците, но соодносот е 1 спрема 10 во корист на земјоделците, информира Мицкоски.

Според последните статистички податоци цените во земјоделството во јули 2025 година, во однос на истиот период од претходната година, се зголемени за 3,1 отсто кај инпутот и за 31,8 проценти кај аутпутот.

Што се однесува до животните трошоци, според ССМ минималната синдикална кошничка за август изнесува 65.507 денари, поскапела за 179 денари споредено со јули. Во споредба со периодот пред укинување на активните владини мерки, кошничката е зголемена за 2.816 денари, велат од Сојузот на синдикати.

„Во категоријата храна и пијалаци, вредноста за август е 24.064 денари, што е зголемување од 382 денари во однос на јули. Во однос на претходниот период, по укинувањето на мерките, оваа категорија бележи раст од 2.584 денари, односно 12,09 отсто“, велат од ССМ.

Во другите категории како што се обуки, облека, средства за лична хигиена, како и прибор за основно и средно образование, забележан е тренд на намалување.

Александра Спировска