Сојузниците ги кројат безбедносните гаранции за Киев
За НАТО приоритет останува да се постигне праведен и траен мир. Иако САД ја потврдија својата безбедносна поддршка за Киев, Европа сепак ќе мора да го преземе најголемиот товар за нив-велат од Вашингтон...

Додека Европа и САД ги кројат безбедносните гаранции за Киев, неколку европски земји меѓу кои Британија и Франција, се подготвени да испратат мировен воен контингент во Украина. За НАТО приоритет останува да се постигне праведен и траен мир. Иако САД ја потврдија својата безбедносна поддршка за Киев, Европа сепак ќе мора да го преземе најголемиот товар за нив-велат од Вашингтон.
„Треба да бидеме од помош доколку е потребно да се запре војната и убивањето. Но, треба да очекуваме, а Трамп секако очекува, Европа да игра водечка улога. Тие ќе мора да го преземат најголемиот товар бидејќи се работи за нивни континент и нивна безбедност“, изјави Џ. Д. Венс, потпретседател на САД.
Москва, пак, категорично ги отфрла плановите за присуство на НАТО трупи на украинска територија под маската на мировници, нагласувајќи дека без Русија нема решение за колективна безбедност.
„Повеќе од еднаш објаснивме дека Русија не ги преувеличува своите интереси, но ние цврсто и строго ќе ги обезбедиме нашите легитимни интереси. И сигурен сум дека Западот, а пред сè САД, совршено добро разбираат дека сериозното дискутирање за безбедносните прашања без Руската Федерација е утопија и не води никаде“, изјави Сергеј Лавров, министер за надворешни работи на Русија.
Наспроти дипломатските напори, нападите меѓу двете земји продолжија и во текот на ноќта. И Киев и Москва јавуваат за соборени дронови и ракети.
