Обвинителен акт против осум лица, меѓу нив и полициски службеници
Јавен обвинител од Специјализираното одделение за гонење на кривични дела сторени од лица со полициски овластувања и припадници на затворската полиција поднесе обвинителен акт до Основниот кривичен суд Скопје против осум лица, од кои шест се полициски службеници...

Јавен обвинител од Специјализираното одделение за гонење на кривични дела сторени од лица со полициски овластувања и припадници на затворската полиција поднесе обвинителен акт до Основниот кривичен суд Скопје против осум лица, од кои шест се полициски службеници.
Според обвинението, првообвинетиот заедно со уште две лица, за кои постапката е во прекин, се товари за кривично дело „Примање награда за противзаконито влијание“. Тие, искористувајќи го своето претпоставено влијание, влијаеле врз двајца полицајци да не извршат службени дејствија, со цел да му овозможат на турски државјанин што незаконски престојувал во земјава да добие дозвола за привремен престој. За посредувањето примиле 900 евра.
Еден полициски службеник од ГП Долно Блаце, пак, е обвинет и за „Примање поткуп“. Тој од турски државјанин побарал и примил 3.000 денари за да изврши службено дејствие што не смеел да го направи. Во ова учествувале уште тројца полицајци и едно лице, при што со патна исправа на турски државјанин бил извршен фиктивен влез во државата, со цел да се започне постапка за престој. На сличен начин бил овозможен и нелегален излез од земјава на друг турски државјанин, без тој да биде евидентиран и без да му се наплати глоба за незаконски престој.
Дополнително, обвинет е и виш инспектор за странци и реадмисија кој, во периодот од јули минатата година до април оваа, со умисла несовесно постапувал при издавање на решенија за привремен престој. Тој одобрил престој на седум државјани од Бангладеш и Непал, иако имало негативни безбедносни известувања од Агенцијата за национална безбедност.
Истражната постапка започна во мај годинава кога беа уапсени 11 лица, а две беа недостапни. Против едно лице во меѓувреме е запрена истрагата, а за друго е отфрлена кривичната пријава. Еден од првично недостапните обвинети е уапсен во Србија и се наоѓа во екстрадиционен притвор, додека по вториот е распишана меѓународна потерница.
