Семејно насилство

Недостатоци во системот за заштита на жртвите од семејно насилство

21.08.2025 19:38

Алармантен извештај на Државната ревизија кој открива сериозни недостатоци во системот на заштита на жртвите од семејно насилство. Институциите не ги исполнуваат обврските, констатираат ревизорите. Билтените на МВР секојдневно се полнат со податоци за жртви на семејно насилство, а тоа на писмено го констатира и Државниот ревизор...

Без соодветна и ефективна системска заштита, поддршка и можност за реинтеграција, остануваат жените жртви на насилство, покажа анализата на државниот заводот за ревизија. Утврдени се и недостатоци во делот на сместување. Мал е бројот на легла во засолништата и советувалишта. Дел се нефункционални и не обезбедуваат услуги. Североистокот нема ниту едно засолниште, иако овој регион изминатиот период регистрираше случаи со фатални последици. Но во Куманово функционира советувалиште, каде што добиваат психолошка поддршка, правна, кариерно советување и социјална заштита. Од лани започна да работи и кризен центар за престој до 72 часа. Искуството велат од организацијата, покажува дека жените сè уште немаат доверба во институциите, па често ги запираат процедурите.

„Социјалната работничка што работи во советувалиштето им е на располагање на жените и со нив оди и во институциите каде што треба да поднесат документи, за да им се олесни тој пат. Во кризниот центар бидејќи тој е формиран од јули лани за една година околу 14 жени престојуваа заедно со своите деца по 2-3 дена. И потоа соодветно на нивните услови одат понатаму или кај роднини, изнајмуваат стан под кирија, но за жал некои од жените кои немаат каде да одат пак се враќаат во насилничката средина“, вели Лидија Илијевска, претседателка на Здружение „Мајка“ Куманово.

Во државата нема ниту интегриран систем за евиденција на жртвите.

Македонија ја потпиша Истанбулската конвенција уште во 2011 година, а ја ратификуваше во 2017 година. Сепак според истражувањето системот за заштита и поддршка е сè уште недоволно развиен.

Дека состојбата со насилството е непроменета, потврдува и статистиката на центрите за социјална работа и полицијата. Во периодот 2018-та до 2023 година, евидентирани се над 6.200 кривични дела поврзани со семејно насилство. Во случаите најчесто жртва се жените, односно над 91 отсто сторители се мажи.

Елена Георгиевска