Згрижување

Листите за чекање во градините долги, кадарот ќе се надополнува по изборите

21.08.2025 16:52

Во градинките можат да бидат згрижени деца, но само ако се жители на општината во која аплицираат. Надлежните велат дека голем дел од работните места се испразнети. Во моментов недостигаат над илјада вработени, а ќе се пополнат по завршување на локалните избори...

Долги листи на чекање, а недостига и стручен кадар. Во градинките можат да бидат згрижени деца, но само ако се жители на општината во која аплицираат. Надлежните велат дека голем дел од работните места се испразнети. Во моментов недостигаат над илјада вработени, а ќе се пополнат по завршување на локалните избори.

„Групите да бидат редуцирани, а тоа ќе значи дека децата од претшколска возраст ќе добијат поквалитетна грижа од негувателите и од воспитувачите кои работат со нив на дневна основа, а и воспитувачите и негувателите ќе имаат можност поквалитетно да постапуваат со дечињата“, вели градоначалникот на Кисела Вода, Орце Ѓорѓиевски.

Врз основа на пријави од инспекциските надзори, утврдено е дека исхраната во градинките не одговара за потребите на секое дете. Заменик-министерот Велков вели дека мал е бројот на овие деца и правилникот ќе се адаптира.

„Постои правилник во Министерството којшто значи точно утврдување на листата на јадења којшто треба да се исполни во рок од две недели, и таа се објавува јавно во секоја детска градинка на огласната табла. Има ваква појава на индивидуални случаи за дечиња кои имаат посебен режим на исхрана и работиме на тоа да ги адаптираме, бидејќи не се работи за голем број случаи“, изјави заменик-министерот Велков.

Според Државната статистика, минатата година во земјава се регистрирани вкупно 118 јавни и приватни установи за згрижување на деца. Бројот на запишани во градинките изнесувал 37.871 дете. Споредено со 2023-та, бројот на градинки е зголемен за 0,9 проценти, додека на деца за 0,2 насто.

Александра Спировска