Политика

Мицкоски: Бадентеровото мнозинство е завршена тема

21.08.2025 16:01

Бадентеровото мнозинство е дел од Охридскиот рамковен договор, а тој пак е дел од Уставот и тоа е завршена тема-вели премиерот Христијан Мицкоски на прашањето дали како Влада размислуваат за ревизија на Бадентеровото мнозинство. Според ДУИ јавноста е сведок како оваа Влада од почеток има агенда системски да го нападне Охридскиот мировен договор. Како пример го посочија укинување на „балансерот“...

Бадентеровото мнозинство е дел од Охридскиот рамковен договор, а тој пак е дел од Уставот и тоа е завршена тема - вели премиерот Христијан Мицкоски на прашањето дали како Влада размислуваат за ревизија на Бадентеровото мнозинство.

Мицкоски вели дека она што претставувало суштински и институционален проблем, алатката „балансер“ која беше укината од страна на Уставниот суд, сега би требало да се реши со закон за правична застапеност во кој покрај етничката, ќе има и компонента која ќе оценува согласно квалитетите и компетенциите на кандидатите за вработување.

Ваквите идеи за ревизија се опасни оти така се заоструваат и нарушуваат меѓуетничките односи, сметаат од ДУИ. Според нив веќе јавноста е сведок како оваа Влада од почеток има агенда системски да го нападне Охридскиот мировен договор, како пример ги посочија укинување на „балансерот“, непочитувањето на правичната застапеност и неспроведување на Законот за Албански јазик.

Реакциите на интегративците доаѓаат по изјавите на министерот за правда Игор Филков кој рече оти можеби е дојдено време да се размисли за потребата од ревидирање на Бадентеровото мнозинство, заради недонесување на измените во Изборниот законик кои не се изгласаа бидејќи немаше мнозинство од пратениците на помалите етнички заедници.

 

Игор Панов