Македонија

Итни мерки за зачувување на статусот на УНЕСКО

21.08.2025 18:46

Институциите започнаа итна неодложна и координирана акција за зачувување на статусот на УНЕСКО на Охридскиот регион. Ова беше истакнато на денешниот состанок на Националната комисија на УНЕСКО што се одржа во Охрид. Надлежните велат ќе се работи деноноќно и ќе се покаже решителност за напредок во заштитата…

До крајот на годинава ќе бидат испочитувани голем дел од препораките на УНЕСКО. Институциите започнаа итна, неодложна и координирана акција за зачувување на статусот на УНЕСКО на Охридскиот регион. Ова се дел од заклучоците на денешниот состанок на Националната комисија. Велат ќе се работи деноноќно и интензивно за во дадениот рок да се покаже решителноста на институциите за напредок во заштитата.

„Овој состанок беше многу важен да се даде задача и да се постават фокал поинт, значи, луѓе коишто ќе бидат 24-7 подготвени од секоја институција, од секое  министерство коишто ќе работат 24-7 на оваа проблематика и ќе имаме координирана акција во овој временски период и тоа ќе биде на вистина голем предизвик“, изјави министерот за култура и туризам, Зоран Љутков.

Претходно Владата ги задолжи надлежните министерства, општините Охрид, Струга и Дебарца во наредниот период да се разгледа Планот за управување со светското природно и културно наследство особено во делот на урбанизација и бесправно изградените објекти,

„Потребна е јасна координација и одговорност, бидејќи наша обврска е до 1-ви февруари 2026-та година заедно со Р. Албанија да доставиме Извештај за напредокот во заштитата на Охридскиот регион. Како што знаете, ова е предизвик, но и можност да се покаже дека кога се работи за национален интерес можеме обединето и заедно да делуваме“, додава Љутков.

Овие итни мерки следуваат откако УНЕСКО минатиот месец донесе одлука Охрид да добие уште една шанса, дополнителен рок од една година за исполнување на препораките и да не се најде на листата светско наследство во опасност.

Соња Рилковска