Мицкоски најави „чистка“ по локалните избори
По локалните избори следи робустна акција за институциите кои треба, а не спровеле правда. Премиерот Мицкоски дециден-оние кои го доведоа правосудството до два проценти доверба треба да си заминат …

Чистка на сите што го довеле судството и обвинителството на ниво од два проценти доверба, најави премиерот Мицкоски по завршување на локалните избори. Тој вели – ставот е конзистентен, ќе продолжи и постапката за разрешување на државниот обвинител Љупчо Коцевски. Откако беше одобрено обвинението за поранешната прва антикорупционерка Татјана Димитровска, а во Собранието изгласана недоверба на членови на судскиот совет и на државниот обвинител, Мицкоски е убеден дека овие случувања ќе бидат нотирани и во извештаите што за земјава ги пишува меѓународниот фактор.
Собраниската интерпелација е форма на политички притисок да ги натера оние на кои им е изгласана недоверба да си заминат од функцијата, но таа нема правно обврзувачко дејство. Иако 71 пратеник крена два прста за отповик на првиот обвинител, тој одговори дека не само што нема да си замине, туку уште поревносно ќе се посвети на работата.
Кривичниот суд одобри обвинение како продолжение на истрагата за случајот „Адитив“. Опфаќа три лица, а меѓу нив е и поранешната претседателка на антикорупциската комисија Татјана Димитровска. Таа се товари за кривично дело – оддавање на службена тајна. Се очекува во септември да се донесе и конечна одлука дали двете обвиненија ќе се спојат во една судска постапка.
Анита Димитријевска – Велковска
