Израел

Офанзивата во Газа напредува, Нетанјаху нареди преговори за примирје

22.08.2025 08:39

Нетанјаху претходно побара сеопфатен договор со кој ќе се ослободат сите киднапирани, групата ќе се разоружа, појасот ќе се демилитаризира, а контролата врз Газа ќе биде под Израел додека не се воспостави ново управување, кое нема да биде Хамас или палестинската власт...

Додека Израел напредува во операцијата во Газа, Нетанјаху нареди итни преговори за ослободување на сите преостанати заложници и крај на војната под услови прифатливи за Израел, но не се откажува од окупацијата на градот во енклавата и уништувањето на Хамас.

„Дадов инструкции веднаш да се почнат преговори за ослободување на сите наши заложници и да се заврши војната под услови прифатливи за Израел. Овие две прашања – поразување на Хамас и ослободување на сите наши заложници – одат рака под рака“, изјави Бенјамин Нетанјаху, премиер на Израел.

Нетанјаху претходно побара сеопфатен договор со кој ќе се ослободат сите киднапирани, групата ќе се разоружа, појасот ќе се демилитаризира, а контролата врз Газа ќе биде под Израел додека не се воспостави ново управување, кое нема да биде Хамас или палестинската власт. Хамас, кој веќе даде зелено светло за 60-дневно примирје и ослободување на дел од заложниците го обвини Нетанјаху дека го игнорира предлогот и попречува договорот. Во Тел Авив нови протести.