Преговорите за мир во Украина во застој, Трамп постави нов рок
Зеленски обвинува дека Путин избегнува преговори и не сака мир, па единствениот пат кон крај на војната е притисок врз Москва...

Додека преговорите за мир во Украина остануваат заглавени, Трамп постави нов рок од две недели за договор. Зеленски обвинува дека Путин избегнува преговори и не сака мир, па единствениот пат кон крај на војната е притисок врз Москва. Го осуди синоќешниот масовен руски напад со над 600 дронови и ракети на западот на Украина во кој беше погодена и американска фабрика, обвинувајќи ја Русија за намерен удар.
„Сигналите од Русија се непристојни. Се обидуваат да избегаат од состанок, не сакаат да ја завршат војната, продолжуваат со масовни напади. Лансираат ракети кон американска фабрика, до границите на ЕУ и НАТО. Сето ова не е случајно. Ова е нивната дрскост. Мора да се изврши притисок врз Русија да ја заврши војната. Путин не разбира ништо освен сила и притисок“, изјави Володимир Зеленски, претседател на Украина.
Кремљ пак тврди дека Путин е подготвен за средба, но дури по решавање на клучни прашања, вклучувајќи го и легитимитетот на Зеленски за потпишување договор.
„Путин постојано повторува дека е подготвен да се сретне, вклучително и со Зеленски, но откако сите прашања што бараат разгледување на највисоко ниво ќе бидат добро разработени и експертите и министрите ќе подготват соодветни препораки, и секако со разбирање дека кога и ако дојде до потпишување идни договори, ќе биде решено прашањето за легитимитетот на лицето што ќе ги потпише овие договори“, изјави Сергеј Лавров, министер за надворешни работи на Русија.
Пентагон соопшти дека американски и европски генерали разработуваат воени опции за безбедносни гаранции за Украина, кои во наредните денови ќе им бидат презентирани на советниците за национална безбедност.
