воен конфликт

Преговорите за мир во Украина заглавени, Русија продолжува со нападите

22.08.2025 10:45

Преговорите за мир во Украина заглавени, Русија продолжува со нападите. Трамп му постави нов рок на Путин. Рускиот претседател бара Киев да се откаже од Донбас и членството во НАТО. Зеленски одбива, но можни се преговори. Киев ги отфрли овие услови, споредувајќи ги со предавство...

Американскиот претседател Трамп постави нов рок од две недели за мировен договор за Украина, во спротивно најави ќе заземе поинаков пристап. Додека фрустрирачкиот застој во преговорите го побива неговото ветување за брз крај на војната, повторно го обвини Бајден дека му дал на Киев само да се брани, но не и да возвраќа.

„Многу е тешко, ако не и невозможно, да се добие војна без да се нападне земја-окупатор. Тоа е како одличен тим во спортот кој има фантастична одбрана, но не му е дозволено да игра напад. Нема шанси за победа! Така е и со Украина и Русија“-објави Трамп на социјалните мрежи.

Зеленски, пак, обвинува дека Путин е тој што избегнува преговори и не сака мир. Осудувајќи го синоќешниот масовен напад со над 600 дронови и ракети, во кој беше погодена и американска фабрика, побара посилен притисок врз Москва за крај на војната.

„Се обидуваат да избегаат од состанок, не сакаат да ја завршат војната, продолжуваат со масовни напади. Лансираат ракети кон американска фабрика, до границите на ЕУ и НАТО. Сето ова не е случајно. Ова е нивната дрскост. Мора да се изврши притисок врз Русија да ја заврши војната. Путин не разбира ништо освен сила и притисок. Трамп е потполно во право кога вели: ова мора да се прави не само во одбрана“, изјави Володимир Зеленски, претседател на Украина.

Кремљ тврди дека Путин е подготвен за средба, но дури по решавање на клучни прашања, вклучувајќи го и легитимитетот на Зеленски за потпишување договор.

„Путин постојано повторува дека е подготвен да се сретне, вклучително и со Зеленски, но откако сите прашања што бараат разгледување на највисоко ниво, ќе бидат добро разработени и експертите и министрите ќе подготват соодветни препораки, и секако со разбирање дека кога и ако дојде до потпишување идни договори, ќе биде решено прашањето за легитимитетот на лицето што ќе ги потпише овие договори“, изјави Сергеј Лавров, министер за надворешни работи на Русија.

Русија бара територијални отстапки од Украина, откажување од амбициите за членство во НАТО, да остане неутрална и да ги држи западните трупи надвор од земјата, додека сојузниците на Киев дискутираат за безбедносните гаранции и можности за распоредување воени средства кои би спречиле евентуален повоен руски напад врз Украина.

Бојана Крстевски