Енергетика

Три концесии за експлоатација на минерални суровини еднострано раскинати

22.08.2025 15:23

Од формирањето на Министерството до денес, вкупно се донесени 34 одлуки за едностран раскин на концесии.

Владата, по предлог на Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини (МЕРМС), донесе три одлуки за едностран раскин на Договори за концесија за експлоатација на минерални суровини и една одлука за одбивање на ново барање за концесија. Одлуките се веќе објавени во Службен весник на Република Македонија, информираат од Министерството.

Од формирањето на Министерството до денес, вкупно се донесени 34 одлуки за едностран раскин на концесии.

Во моментов се во тек и повеќе постапки за раскин или одбивање на продолжување на концесии по исти или слични причини. Во истиот период констатиран е и раскин на 11 дозволи за експлоатација поради истек на договорот за концесија.

МЕРМС води и РЕГИСТАР на одземени концесии и тој од следниот период поради поголема транспарентност ќе биде јавно објавен на сајтот на министерството.

„Нашата цел е транспарентно и одговорно управување со природните ресурси. Со засилената контрола и примената на законските мерки, обезбедуваме фер и одржлива експлоатација, која носи економски придобивки за државата и поддршка за локалните заедници. Овие одлуки се директна последица на посветените активности и системската работа на Министерството за воспоставување на највисоки стандарди за транспарентно и фер управување со природните ресурси, подобрување на наплатата и зајакнување на контролата врз обврските на концесионерите“, изјави министерката Сања Божиновска.

Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини останува посветено на обезбедување економски придобивки од експлоатацијата на минералните суровини и одржлив развој кој ги поддржува локалните заедници, стои во соопштението.