Свет

Остри реакции за гладот во Газа, се бара итен прекин на огнот

22.08.2025 13:42

Остри реакции од Обединетите нации за ситуацијата со гладот во Газа. Се бара итен прекин на огнот и отворање на сите премини за да се овозможи непречен влез на храна и залихи. Израел со закани дека ќе го уништи градот во енклавата, доколку Хамас не се согласи да се разоружа и да ги ослободи преостанатите заложници. Во Тел Авив нови протести и осуда за проширувањето на операциите…

„Глад предизвикан од суровост“-вака шефот на хуманитарната помош на Обединетите нации ја оцени моменталната ситуацијата во Газа, обвинувајќи го Израел за попречување на помошта. Флечер побара итен прекин на огнот и отворање на сите премини за да се овозможи непречен влез на храна и залихи.

„Гладот во Газа е глад во светот. Храна се натрупува на границите поради опструкцијата од страна на ИзраелМојата молба и барање до премиерот Нетанјаху: доста! Прекинете го огнот! Отворете ги премините север и југ. Дозволете непречено да добијат храна и други залихи. Престанете со одмаздата“, изјави шефот на хуманитарната помош на ОН, Том Флечер.

Израел пак, се закани дека ќе го уништи градот Газа доколку Хамас не се согласи да се разоружа и да ги ослободи сите преостанати заложници. Еден ден откако Нетанјаху изјави дека ќе ѝ дозволи на Армијата да ја заземе Газа, Кац предупреди дека најголемиот град во енклавата може да се претвори во Рафа или Бејт Ханун, кои претходно беа уништени во војната.

„Портите на пеколот наскоро ќе се отворат над главите на убијците и силувачите на Хамас во Газа сè додека не ги прифатат условите на Израел за завршување на војната“, напиша израелскиот министер за одбрана, Кац на социјалната мрежа „Х“.

Додека Израел напредува во операцијата во Газа, Нетанјаху нареди итни преговори за ослободување на заложниците и крај на војната под услови прифатливи за Израел, но не се откажува од окупацијата на градот во енклавата и уништувањето на Хамас.

„Дадов инструкции веднаш да се почнат преговори за ослободување на сите наши заложници и да се заврши војната под услови прифатливи за ИзраелОвие две прашања – поразување на Хамас и ослободување на сите наши заложници – одат рака под рака“, нагласи Бенјамин Нетанјаху, премиер на Израел.

Милитантите кои веќе дадоа зелено светло за 60-дневно примирје и ослободување на дел од заложниците, го обвинија Нетанјаху дека го игнорира предлогот и попречува договорот.

Во Израел нови протести. Семејствата на некои од заложниците што сè уште се држат во Газа, се собраа во Тел Авив за да го осудат проширувањето на операциите.

Катерина Бојаџиева