Германска компанија ќе гради соларна централа во Македонски Брод
Македонски иселеник, вработен во германска компанија за енергетика е иницијатор за инвестицијата вредна милион евра за изградба на соларна централа во родниот Македонски брод. Централата ќе ја градат домашни компании и во неа ќе работат десетина невработени од овој крај. Компанијата од Германија планира да купи уште три локации за истата дејност.

Германската компанија КВК, специјализирана за мини хидро централи и сончеви електрани ќе гради фотоволтаична централа кај селото Инче во Општина Македонски Брод. Инвестицијата е тешка 1милион евра, а централа ќе се простира на површина од 28.000 метри квадратни. Инвестицијата се реализирала благодрение на нашиот иселеник Сашо Змејкоски, кој работи во оваа компанија, а е по потекло од Н. Брод.
„Јас сум по потекло од тука и по моја желба Германците се решија да инвестираат тука. Централата ќе биде со моќност од 1 мегават, а инвестицијата планираме да се врати за 7 до 8 години“, изјави Сашо Змејкоски, координатор во КВК за Македонија.
Освен оваа локација КВК планира да купи уште 3 други локации, кои исто така ќе бидат лоцирани кај селото Инче, со што вкупната инвестиција за неколку години се планира да биде 4 милиони евра.
Пред 2 години израелски експерти од енергетскиот сектор го скенираа теренот тука во Македфонски Брод и утврдија дека ова е еден од пределите во Македонија кои имаат најголем број сончеви часови во текот на годината, затоа општината планира за брзо време да продаде уште неколку локации за изградба на фотоволтаични централи.
Општината очекува повеќе вработувања при изградбата и работата на овие централи.
„Нас како општина најважно ни е што собираме средства преку продажба на земјиштето, а исто така за 1,5 години колку што ќе се градат централите, се планира да бидат вработени околу 100 луѓе кои ќе учествуваат во самата изградба, а потоа 10-тина ќе бидат вработени за нивно опслужување“, вели Милосим Војнески, градоначалник на Македонски Брод.
Освен КВК за изградба на фотоволтаични централи во Брод била заинтересирана и друга германска компанија, како и неколку македонски инвеститори.
Дарко Штаргоски
