Муцунски: Посветени сме на евроинтеграцијата, но бараме посветеност и од ЕУ
Посветени сме на евроинтеграцијата, но бараме и подеднаква посветеност од ЕУ на нашиот евроинтегративен пат, изјави министерот за надворешни работи Муцунски во интервју за „Њузмакс Балканс“.

Посветени сме на евроинтеграцијата преку спроведување на реформи и исполнување на критериумите што ЕУ ги поставила, но потребна е одлучност, фер пристап и предвидлива патека за напредокот на земјата на евроинтегративниот пат, изјави шефот на дипломатијата Муцунски во интервју за „Њузмакс Балканс“.
„Бараме јасен пат за иднината на нашата европска интеграција. Нашиот дел од задачата велиме сме подготвени да го завршиме. Веќе ги завршуваме тешките процеси, реформите, стратешкиот правец очигледен го покажуваме, но време е Европската унија и нејзините институции и нејзините земји-членки да ги покажат истата одлучност и истиот фокус кон европскиот пат на државата како што ние и во минатото и сега го покажуваме“, вели Муцунски.
Муцунски посочи дека се бара решение за уставни измени за да се почне со отворање на поглавја, но нагласи дека тоа не смее да носи дополнителна неизвесност за нашата евроинтеграција.
„Ние не можеме да направиме уставни измени додека нема да имаме сигурност дека ова е последната отстапка од ваков вид во однос на нашата држава. Очекуваме и соодветен фидбек од европските институции да покажат кога една земја-членка како што е Бугарија во дадениот случај сака да ги наруши европските принципи, дека тие ќе застанат рамо до рамо со европските принципи за коишто многу често се зборува, но за жал, гледаме во последниот период како се отстапува од тоа што се зборува“, нагласува Муцунски.
Активно работиме на реформите за усогласување со ЕУ со финансиска поддршка од Планот за раст што се приоритетни за сите институции во системот, вели шефот на дипломатијата.
Ирина Гелевска
