Здравство

Се екипира тричлената комисија, надзор во приватните болници

22.08.2025 17:22

Оваа институција изминативе пет години извршила околу 200 вонредни стручни надзори во клиниките, но ниту една не се однесувала на непотребна хируршка интервенција.

Со загриженост се следат случувањата поврзани со сомневањата дека пациенти во приватни болници се подложувале на комплицирани оперативни зафати, без за тоа да има медицински индикации, само заради профит – реагираат од Лекарската комора.

Оваа институција изминативе пет години извршила околу 200 вонредни стручни надзори во клиниките, но ниту една не се однесувала на непотребна хируршка интервенција.

„Овие надзори се однесува на конкретни случаи за кои пациент, член на семејство или надлежна институција, бараат да се утврди дали при лекувањето биле почитувани протоколите за лекување. Досега немало претставка во која подносителот поставува сомневање дека му е направена непотребна операција“, велат од Лекарската комора.

Комората го охрабрува Министерството за здравство и другите надлежни институции, сериозно и ажурно да постапат, да ги утврдат фактите и доколку се утврдат неправилности да изречат соодветни санкции. Ангажирањето на странски експерти може да обезбеди непристрасност на постапката што е многу важно во овој случај-велат од Комората.

Министерот за здравство, Алиу, без да прецизира време, најави формирање комисија со експерти од западно европските земји, за проверка на работењето во приватните здравствени институции. Според него, нивниот извештај ќе служи како патоказ за понатамошните мерки.

Одлуката следи по изјавата на кардиохирургот, Сашко Кедев, дека во некои приватни болници се вршат непотребни интервенции со цел профит, вклучувајќи и стентирање и операции.

И од Фондот за здравствено осигурување со став дека изминативе четири години, при извршени девет вонредни контроли не се евидентирани претставки за непотребни медицински интервенции.

Марина Стојанова-Тонева