Локални избори

ДИК го донесе упатството за бројот на советници во советите на општините и Град Скопје

22.08.2025 16:37

ДИК го усвои упатството за бројот на советници во Советите на општините и на Град Скопје. Утре почнува увидот во Избирачкиот список …

Со мнозинство гласови ДИК го донесе упатството за бројот на советници во општините и во градот Скопје. Против гласаше Дитмире Шеху од ДУИ. Смета дека овој документ не може да се донесе врз основа на одлуката на Владата од септември минатата година со која е намален бројот на советници во 14 општини, а се темели на пописот од 2021 година.

„Законот за локална самоуправа не и дава право ниту на Владата, ниту на ДИК да го одреди бројот на советници. ДИК има право да носи акти во делот на регулација на Изборниот законик. Предлозите треба да се засноваат или врз одлука на Владата или да се темелат на членот 34 од Законот за локална самоуправа, а тие се контрадикторни еден со друг“, изјави Дитмире Шеху, член на ДИК.

Откако правните експерти на ДИК излегоа со мислење дека Комисијата мора да ја почитува одлуката на Владата, Претседателот Кондарко и објасни на колешката дека може да поднесе тужба до управниот суд ако не се согласува со одлуката на Комисијата.

Најголемо намалување на бројот на советници ќе има во Гостивар, од 31 на 23 затоа што општината согласно последниот попис е покуса за 20 илјади жители. Намалување ќе има и во Кичево, Струга, Кратово, Крива Паланка, Куманово, Пехчево. Од друга страна пак, Кисела Вода, Карпош и Студеничани ќе добијат поголем број на советници. Изборите се закажани на 19 октомври.

Анита Димитријевска – Велковска