Локални избори

Партиски реакции за текот на изборниот процес

22.08.2025 16:55

Реакции по најавите за можно поставување на владини повереници место градоначалници, ако нема позитивен исход во двата круга. Експертите го делат ставот дека нема можност да не успеат локалните избори, заради учество на независните и долги листи. Опозициските партии обвинуваат за директен напад врз уставниот поредок и антидемократски предлог …

Најавите за можно поставување на владини повереници место градоначалници во општините, доколку не успеат локалните избори во Македонија предизвика низа реакции во јавноста.

Според Социјалдемократите тоа претставува директен напад врз уставниот поредок и граѓанската волја. Тезата за „збунувачки“ ливчиња поради независни кандидати според нив е апсурдна. Велат дека и на минатите локални избори имаше голем број на независни кандидати и листи во општините па не беше никаква пречка.

„Зошто сега му пречи демократската слобода на граѓаните да се кандидираат и да го дадат својот глас? Зад најавите за „неуспешни“ избори јасно е дека се крие паниката поради сериозниот пад на довербата на граѓаните во ВМРО-ДПМНЕ. Во Македонија мора да има слободни, фер и демократски избори на кои граѓаните јасно ќе ја изразат својата волја“, велат од СДСМ.

Реагираа и од Демократска обнова на Македонија кои велат дека овој предлог е јасно антидемократски, ја поништува смислата на изборите и ја игнорира волјата на граѓаните. Ќе има многу изгубени случаи, но и квалитетни луѓе кои досега не успевале да ја добијат партиската поддршка е ставот на Левица.

Левица го кандидира Амар Мециновиќ за градоначалник на Скопје. Тој најави дека приоритети му се јавниот превоз, урбанизацијата и чистиот воздух. Се исцртуваат контурите на листите со имиња на оние кои ќе се борат да седнат во градоначалничката фотелја во метрополата. Покрај Мециновиќ, на листата се и Орце Ѓорѓиевски од (ВМРО-ДПМНЕ), Каја Шукова (СДСМ) и Башким Бакиу (ВЛЕН).

Ана Јосифоска