Почна увидот во избирачкиот список
Од денеска до 11-ти септември, увид во Избирачкиот список. Службите во подрачните одделенија на Државната комисија подготвени. Дел од граѓаните недоволно информирани, дел сигурни дека ќе можат да го остварат своето право на глас. Податоците за евиденција ќе се изработуваат на дневна основа и ќе се објавува колкумина ја искористиле.

Подрачните одделенија на ДИК се подготвени за увидот во Избирачкиот список кој ќе трае 20 дена. Секој ден од 8 до 20 часот граѓаните ќе можат да дојдат во просториите и да си направат проверка. Го посетивме одделението во Центар што ги покрива истоимената општина и Аеродром. Од таму не информираа дека последните години доаѓаат само повозрасните бидејќи помладата популација електронски си се проверува.
Дел од нив велат дека со години се запишани на истото место и веројатноста е голема дека се пак таму.
Правото на глас е неприкосновено и токму заради тоа секој граѓанин со право на глас треба да си направи проверка во единствениот Избирачки список до 11 септември, апелираат надлежните. Доколку не се во него или има грешни податоци треба да поднесат барање за навремено да бидат внесени точно во избирачкиот список.
Избирачкиот список во кој се извршени сите промени произлезени од увидот ДИК го заклучува за 15 дена односно најдоцна до 26 септември.
Фиљана Кока
