34 години независност на Украина, војната не запира
Украина изврши напади со беспилотни летала врз неколку руски енергетски објекти. Погодена и нуклеарната централа Курск. Украина го одбележува денот на независноста. Зеленски со порака дека неговата земја „нема да ја изгуби“ борбата против Москва. Рускиот шеф на дипломатијата Лавров изјави дека средба меѓу Путин и Зеленски не е планирана, но додаде дека рускиот претседател е подготвен да се сретне со Зеленски.

Украина одбележува 34-години од независноста. Претседателот Зеленски со порака дека неговата земја „нема да ја изгуби“ борбата против Москва, во услови на нови напредувања на боиштето и интензивна дипломатија за ставање крај на војната што трае повеќе од три години. Градиме Украина која ќе има доволно сила и моќ да живее во безбедност и мир, рече Зеленски, повикувајќи на „праведен мир“.
Светските лидери упатија честитки за независноста и пораки за мир, кои Зеленски ги сподели на платформата Икс. Во писмото до украинскиот претседател, Трамп порачува дека САД поддржуваат решение за траен мир што ќе го заштити суверенитетот и достоинството на Украина. Сега е време да се стави крај на бесмислените убиства. Соединетите Американски Држави поддржуваат решение кое ќе го запре крвопролевањето и ќе го заштити суверенитетот и достоинството на Украина, порача Трамп. Русија се согласува да покаже флексибилност по некои прашања што ги покренал американскиот претседател Трамп на самитот во Алјаска. Министерот за надворешни работи Лавров вели дека средба меѓу Путин и Зеленски не е планирана, но како што изјави, рускиот претседател е подготвен да се сретне со Зеленски, доколку се подготви агенда за таков самит. Го обвини украинскиот претседател дека „на сè вели не.“
Меѓусебните напади не запираат. Украина изврши напади со беспилотни летала врз неколку руски енергетски објекти, вклучувајќи ја нуклеарната централа Курск и нафтениот терминал во пристаништето Уст Луга во Ленинградската област, потврдија руските власти. Во нападот оштетен бил помошниот трансформатор, што доведе до намалување на оперативниот капацитет за 50 проценти. Русија соопшти дека нејзините сили во Источна Украина зазеле две села во регионот Доњецк.
Милчо Велески
