Канада најави воена помош за Украина, може да испрати и трупи
Сојузниците на Киев работат на безбедносните гаранции, Канада најави над милијарда долари воена помош. Не ја исклучува можноста и за испраќање трупи во Украина...

Во услови на нејасен напредок кон завршување на конфликтот во Украина, САД оптимисти дека тој постои и дека за првпат по три години Путин го омекнал ставот и направил отстапки, вклучително и за безбедносните гаранции за Украина.
„Сфатија дека нема да можат да инсталираат марионетски режим во Киев. Тоа, секако, беше главното барање на почетокот. И што е важно, тие препознаа дека ќе има некаква безбедносна гаранција за територијалниот интегритет на Украина. Не велам дека се откажале од сè, но го омекнале својот став дека Украина ќе има територијален интегритет по војната“, изјави Џ.Д. Венс, потпретседател на САД.
Сојузниците на Киев работат на безбедносните гаранции, Канада најави над милијарда долари воена помош. Не ја исклучува можноста и за испраќање трупи во Украина.
„Ова е важно за нас. Земјите од НАТО сега се приклучуваат на нова програма наречена Приоритетна листа на барања за Украина-алатка што овозможува зголемена помош за Украина преку купување оружје, поточно од САД. Европските земји ги презедоа своите чекори“, изјави Володимир Зеленски, украински претседател.
Гаранти на безбедноста треба да бидат група земји, вклучувајќи ги и членовите на Советот за безбедност на ОН, кои ќе обезбедат таа да биде неутрална, ненуклеарна и да не припаѓа на ниту еден воен блок-Лавров ги претстави клучните услови за крај на војната. Го обвини Западот дека се обидува да ги блокира преговорите меѓу Русија и Украина.
„Тие едноставно бараат изговор да ги блокираат преговорите и сакаат ова да се случи не по нивна вина, туку по вина на Зеленски кој е тврдоглав, поставувајќи некои услови, барајќи итна средба со Путин без оглед на сè. Ова е обид да се наруши процесот што го започнаа рускиот и американскиот претседател. Се надеваме дека овие обиди ќе бидат осуетени“, изјави Сергеј Лавров, министер за надворешни работи на Русија.
Во истовреме, Киев и Москва разменија по 146 заробеници.
