Венс: Има напредок во преговорите, ќе продолжиме да се залагаме за дипломатско решение
САД оптимисти дека постои напредок за преговорите за руско-украинскиот конфликт. За Москва и натаму услов за мир останува Украина да биде неутрална. Додека размената на дронови продолжува на двете страни, Киев и Москва разменија по 146 заробеници…

Во услови на нејасен напредок кон завршување на конфликтот во Украина, САД оптимисти дека тој постои и дека првпат по три ипол години Путин направил значајни отстапки за време на мировните преговори предводени од Трамп, вклучувајќи ги безбедносните гаранции за Киев.
„Сфатија дека нема да можат да воспостават марионетски режим во Киев. Тоа, секако, беше главното барање на почетокот. И што е важно, тие препознаа дека ќе има некаква безбедносна гаранција за територијалниот интегритет на Украина. Се обидуваме да преговараме колку што можеме за да најдеме среден терен за да се запре убивањето. Затоа ќе продолжиме да се залагаме за дипломатско решение“, изјави Џ.Д. Венс, потпретседател на САД.
Вашингтон останува посветен сојузник на Киев додека земјите на НАТО купуваат оружје за Украина обидувајќи се да и помогнат да го засили арсеналот. На списокот се приклучи и Канада. Најави над милијарда долари воена помош, не исклучувајќи ја можноста за испраќање трупи.
„Сметаме на присуството на канадските сили во Украина. Ова е важно за нас. Земјите од НАТО сега се приклучуваат на новата програма наречена Приоритетна листа на барања за Украина-алатка што овозможува зголемена помош за Украина преку купување оружје, поточно од САД. Европските земји ги презедоа своите чекори“, изјави украинскиот претседател Володимир Зеленски.
„Горди сме што сме првата неевропска нација што учествува во програмата на НАТО, пакетот на најитно потребната воена помош што ќе биде доставен тука следниот месец. Работиме, со нашите сојузници во Коалицијата на подготвените и со Украина, на модалитетите за безбедносни гаранции на копно, во воздух и на море. И не би го исклучил присуството на трупи“, рече Марк Карни, премиер на Канада.
За Москва и натаму услов за мир останува Украина да биде неутрална, ненуклеарна и да не припаѓа на ниту еден воен блок, а гаранти на безбедноста да и бидат група земји, вклучувајќи ги и членовите на Советот за безбедност на ОН. Лавров го обвини западот дека се обидува да ги блокира преговорите меѓу Русија и Украина.
„Тие едноставно бараат изговор да ги блокираат преговорите и сакаат ова да се случи не по нивна вина, туку по вина на Зеленски кој е тврдоглав, поставувајќи некои услови, барајќи итна средба со Путин без оглед на сè. Ова е обид да се наруши процесот што го започнаа рускиот и американскиот претседател“, изјави Сергеј Лавров • министер за надворешни работи на Русија.
Во истовреме, додека размената на дронови продолжува на двете страни, Киев и Москва разменија по 146 заробеници.
Бојана Крстевски
