Украина

Се зајакнува европското сојузништво со Киев

25.08.2025 14:14

Во услови на жестоки воени судири и засилени дипломатски напори, Украина добива силна поддршка од Европа. Додека преговорите за мир остануваат неизвесни и сложени, Москва прстот го впери во Западот. Го повтори ставот дека Украина мора да остане неутрална, ненуклеарна и надвор од воени сојузи, ако сака мир. САД оптимисти-Русија направи значајни отстапки во преговорите предводени од Трамп...

Руски дронови жестоко го нападнаа Суми, погодени се десетици објекти и станбени згради. Киев возврати со удари врз Белгород. Борби и долж фронтот во Донбас. Украинските сили не веруваат дека војната ќе заврши наскоро, ниту дека Путин ќе се повлече дури и со договор.

„Светската историја се создава токму сега и тука на фронтовската линија. А потоа врз основа на нашата работа политичарите ќе можат да разговараат и дискутираат“, изјави „СОМ“, украински војник.

На дипломатски план европското сојузништво со Киев зајакнува. Литванија потпишаа документ за заедничко производство на одбранбена опрема. Германскиот министер за финансии кој е во посета на Киев, тврди дека може да сметаат на поддршката од Берлин, додека Канада најави над милијарда долари воена помош, не исклучувајќи ја можноста за испраќање трупи.

„Горди сме што сме првата неевропска нација што учествува во програмата на НАТО, пакетот на најитно потребната воена помош што ќе биде доставен тука следниот месец. Работиме, со нашите сојузници во Коалицијата на подготвените и со Украина, на модалитетите за безбедносни гаранции на копно, во воздух и на море. И не би го исклучил присуството на трупи“, изјави Марк Карни, премиер на Канада.

„Сметаме на присуството на канадските сили во Украина. Ова е важно за нас. Европските земји ги презедоа своите чекори“, изјави Володимир Зеленски, украински претседател.

Москва и натаму инсистира Украина да остане неутрална, ненуклеарна и надвор од воени сојузи, со безбедносни гаранции од група држави, вклучувајќи ги и членовите на Советот за безбедност на ОН. Лавров го обвини Западот дека ги попречува руско-украинските преговори.

„Тие едноставно бараат изговор да ги блокираат преговорите и сакаат ова да се случи не по нивна вина, туку по вина на Зеленски кој е тврдоглав, поставувајќи некои услови, барајќи итна средба со Путин без оглед на сè. Ова е обид да се наруши процесот што го започнаа рускиот и американскиот претседател“, изјави Сергеј Лавров, министер за надворешни работи на Русија.

Иако мировниот напредок останува нејасен, САД се оптимисти. Тврдат дека Путин, првпат по три и пол години, направил значајни отстапки во преговорите предводени од Трамп, вклучувајќи безбедносни гаранции за Киев.

„Сфатија дека нема да можат да воспостават марионетски режим во Киев. Тоа, секако, беше главното барање на почетокот. И што е важно, тие препознаа дека ќе има некаква безбедносна гаранција за територијалниот интегритет на Украина“, изјави Џ.Д. Венс, потпретседател на САД.

Додека дипломатските напори продолжуваат, Киев и Москва разменија по 146 заробеници.

 

Бојана Крстевски