Време ли е за македонска победа?
Покрај традицијата и прекрасните услови облагодарени со убавината на езерото, 28-от Охридски пливачки маратон има и дополнителна привлечност. Томи Стефановски е лидер во Светската Гран При серија со пет бода пред Французинот Жоан Едел и е во добра форма, што отвора шанси конечно да триумфира македонски пливач.

Најавеното добро време и големата конкуренција гарантираат интересна трка на патеката Климе Савин, долга 30 километри. Најдобрите четворица на светската ранг листа се во растојание од само девет бода, што претпоставува дека утрешниот победник, на последниот маратон во италијански Капри, ќе отпатува со најголеми шанси за вкупен триумф.
Во конкуренција на 16 пливачи, Евгениј Поп Ацев ќе се обиде да го надмине ланското четврто место, откако ги пропушти стартните маратони, а на последните два собра 29 бода и е шесторангиран. Александар Илиевски ја плива дебитанската сезона и со 16 бода е на 12-то место. Александар Панчевски ќе биде четвртиот наш претставник на маратонот на којшто меѓу шесте пливачки нема Македонка. И кај дамите, Охридскиот маратон е многу важен, затоа што двете најдобри, Пилар Хеихо од Аргентина и Силви Рибарова од Чешка имаат по 80 бодови.
Претставниците на ФИНА се презадоволни од организација на Охридскиот маратон којшто прераснува во вистински македонски бренд и чиешто прво издание беше пред точно 60 години.
Утрешниот старт на Охридскиот маратон чијшто покровител традиционално е Претседателот на Република Македонија, Ѓорге Иванов е точно напладне на Свети Наум, најдобрите на целта на Охридското пристаниште се очекуваат по 17, а почетокот на преносот на Македонската телевизија ќе биде во 15 часот и 30 минути.