БЛИСКИ ИСТОК

Над половина милион луѓе во Газа се соочуваат со глад

25.08.2025 12:42

Додека борбите на фронтот продолжуваат, над половина милион луѓе во Газа се соочуваат со глад. Се бара итен прекин на огнот за да не се реализираат проценките дека до крајот на септември, над 640 илјади лица ќе се соочат со катастрофална неухранетост. Во денешните израелски напади врз болница загинаа најмалку 15 луѓе, меѓу кои и четворица новинари...

Додека борбите на фронтот продолжуваат, над половина милион од населението во Газа се соочува со глад. Живеејќи во импровизирани шатори, раселените семејства се борат да најдат дури и мала количина храна по месеци поминати во гладување. Проценките се дека до крајот на септември, над 640 илјади луѓе ќе се соочат со катастрофална неухранетост.

„Поради опсадата и гладот, здравјето на мојата ќерка се влоши. Таа ги изгуби виталните хранливи материи бидејќи нема здрава храна како зеленчук, овошје или месо“, вели Ум Џана Ајад, мајка на неухрането дете.

„И ние возрасните и децата страдаме. Мојот син разви неухранетост поради недостаток на калциум и минерали во неговото тело, што предизвика инфекции“, додава Донија Сабах, раселена Палестинка.

Обединетите нации предупредија дека засилените воени операции и тековните ограничувања на пристапот до хуманитарна помош би можеле дополнително да ја влошат кризата-оставајќи ги децата, старите и лицата со попреченост во екстремен ризик. Се бара итно прекинување на огнот. Палестинската мрежа на невладини организации предупредува дека континуираната блокада и воените операции на Израел во енклавата се еднакви на смртна казна за илјадници раселени цивили кои очекуваат оскудна помош.

„Ги повикуваме сите меѓународни актери да ги спасат животите на овие деца, кои се без храна и страдаат, и да ја запрат оваа воена операција во Газа“, изјави Амџад Ал-Шава, раководител на палестинска мрежа на невладини организации.

Палестинскиот министер за надворешни работи реагира дека снимките кои доаѓаат од Газа го ужаснуваат светот. Верува дека Израел нема да запре без силен притисок од меѓународната заедница.

„Целиот свет треба да му каже на Израел дека она што го направи е толку брутално што ќе влезе во книгите на историјата како геноцид „пар екселанс“. Луѓето се обидуваат да застанат на вистинската страна од историјата, која вели дека палестинскиот народ има право на сопствена суверена држава“, порача Варсен Агабекијан, палестински министер за надворешни работи.

Израел пак, удри и врз стратешки цели низ главниот јеменски град Сана како одмазда за нападот со касетни бомби од Хутите.

„Воздухопловните сили повторно нападнаа стратешки цели во Јемен. Ја нападнаа претседателската палата во срцето на Сана, електраната на градот и резервоарите за гориво што ја снабдуваат. Терористичкиот режим на Хутите учи на тешкиот начин дека ќе плати и плаќа многу висока цена за својата агресија против Израел“, изјави израелскиот премиер, Бенјамин Нетанјаху.

„За секоја ракета што ќе ја лансираат кон Израел, Хутите ќе плаќаат со камата“, порача израелскиот министер за одбрана, Израел Кац.

Во денешните израелски напади врз болницата Насер во Газа загинаа најмалку 15 луѓе, меѓу кои и четворица новинари.

Катерина Бојаџиева