Отчет за секој преглед и интервенција во приватното здравство
Министерот за здравство Алиу се сретна со доктор Ќедев во врска со наводите дека се вршеле непотребни кардиохируршки интервенции кај пациенти во приватните болници.Приватните здравствени установи, почнувајќи од 15-ти септември ќе имаат обврска да го информираат ресорното министерство за сите извршени прегледи и интервенции, односно да ги евидентираат во „Мој термин“...

Приватните здравствени установи, почнувајќи од 15-ти септември ќе имаат обврска да го информираат ресорното министерство за сите извршени прегледи и интервенции, односно да ги евидентираат во „Мој термин“. За ова информираше прес службата на министерот Азир Алиу, а следува по состанокот со кардиохирургот Сашко Кедев на кој биле разменети информации во врска со наводите дека се вршеле непотребни кардиолошки интервенции кај пациенти во приватните болници.
„Министерот Алиу на средбата потсети дека ќе биде испратен допис со кој сите приватни здравствени установи ќе се задолжат од 15 септември да го информираат Министерството, односно Управата за електронско здравство за сите извршени прегледи и интервенции МојТермин. Министерството за здравство е отворено за соработка со сите чинители и ги повикуваме сите засегнати страни кои имаат каква било информација за евентуални неправилности во системот, да се обратат веднаш до Министерството“, информираа од Здравство.
По наводите на Кедев за манипулации во приватниот сектор, од ресорот најавија формирање на тричлена експертска група од странство која ќе утврдува дали болниците неосновано заработувале од маката на пациентите. Според првичните информации, ќе има експерти од Словенија и Италија, а третиот веројатно ќе биде од Австрија или Германија.
Анита Димитријевска – Велковска
