Украина добива силна поддршка од Европа, преговорите за мир остануваат неизвесни и сложени
Украина добива силна поддршка од Европа.Норвешката влада се вклучува со речиси 700 милиони долари наменети за системи за против-воздушна одбрана „Патриот“. Со Киев, Литванија потпиша документ за производство на воена опрема. Германскиот министер за финансии ја потврди безусловната поддршка на Украинците...

Се зголемува европската поддршка за Украина. Норвешката влада се вклучува со речиси 700 милиони долари наменети за системи за против-воздушна одбрана „Патриот“. Со Киев, Литванија потпиша документ за производство на воена опрема. Германскиот министер за финансии ја потврди безусловната поддршка на Украинците.
„Ова значително ќе ја засили заштитата на нашето небо. Конкретно зборуваме за купување на овие системи, кои ни недостигаат имаме недостиг. Системите од овој тип веќе спасија илјадници и се многу ефикасни во пресретнувањето на руските балистички ракети“, изјави Володимир Зеленски, претседател на Украина.
Можеме да ја потврдиме натамошната помош за Украина од Полска, Канада и нашите европски партнери, нагласи премиерот Туск по состанокот со канадскиот премиер Карни, кој е во посета на Варшава веднаш по Киев.
„Потврдив дека Полска нема намера да испраќа војници на мисија во Украина по завршувањето на војната, туку ќе биде одговорна за логистичката организација на помошта за Украина, како и за заштитата на европско-руските и европско-белоруските граници, бидејќи тоа се полски граници“, изјави Доналд Туск, премиер на Полска.
Москва и натаму инсистира Украина да остане неутрална, ненуклеарна и надвор од воени сојузи, со безбедносни гаранции од група држави, вклучувајќи ги и членовите на Советот за безбедност на ОН. Лавров го обвини Западот за опструирање на руско-украинските преговори. Кремљ бара конкретна агенда за можниот самит Путин-Зеленски.
„Тие едноставно бараат оправдување за блокада на преговорите и посакуваат ова да се случи не по нивна, туку по вина на Зеленски кој е тврдоглав, поставува услови и бара итна средба со Путин без оглед на се. Ова е обид да се наруши процесот што го започнаа рускиот и американскиот претседател“, изјави Сергеј Лавров, министер за надворешни работи на Русија.
И покрај неизвесноста на мировниот напредок, САД се оптимисти. Тврдат дека Путин, за првпат во трииполгодишната војна, направил значајни отстапки во преговорите предводени од Трамп, нудејќи безбедносни гаранции за Киев.
„Разбраа дека нема да можат да воспостават марионетски режим во Киев. Тоа, секако, беше главното барање на почетокот. И што е важно, препознаа и дека ќе има некаква безбедносна гаранција за територијалниот интегритет на Украина“, изјави Џ.Д. Венс, потпретседател на САД.
Вашингтон смета дека состанокот на лидерите на Русија и Украина, може да помине и без целосно утврден распоред. Во екот на дипломатските напори за договор за крајот на војната, Киев и Москва разменија по 146 заробеници. Со руски дронови жестоко е нападнат регионот Суми, погодени се десетици објекти и станбени згради. Киев возврати со удари врз Белгород. Борби се водат и по должината на фронтовската линија со Донбас.
Маријана Димовска
