Финансиска полиција

Приведени седум лица, продавале нафта во кеш и переле пари преку фиктивни фактури

25.08.2025 15:53

Финансиската полиција и Обвинителството извршија претреси на повеќе локации во Липково, Куманово и Желино. Приведени седум лица.Осомничени се за злосторничко здружување, даночно затајување, измама и перење пари...

Седум лица се приведени во акцијата на Финансиската полиција и Обвинителството за организиран криминал и корупција. Осомничени се за злосторничко здружување, даночно затајување, измама и перење пари. Истрагата, во чии рамки беа извршени претреси на осум локации во Куманово, Желино, Липково и Никуштак, опфаќа 10 компании и 13 лица.

Тие се сомничат дека продавале нафта во кеш, а средствата од продажбата ги пријавувале како дневен промет, преку фиктивни фактури, а потоа барале и поврат на ДДВ.

„По налог на јавен обвинител од основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција, во акцијата со асистенција на специјалната антитерористичка единица „тигар“, од слобода се лишени седум лица и истите се изведени пред судија на претходна постапка, при основниот кривичен суд, а едно лице не е достапно на органите на прогонот“, се вели во соопштението на финансиската полиција.

Додаваат дека оваа опсежна истрага трае веќе две години. Со нелегалната продажба на нафтата, направена е милионска штета на буџетот на Македонија.

Станува збор за криминал тежок околу седум милиони евра.

Управата на финансиската полиција останува посветена на откривање и гонење на финансискиот криминал и заштита на буџетот на државата, информираат од таму.

Марија Котовска