Притвор за родителот кој вчера нападна двајца малолетни фудбалери на „Брегалница“
Осум дена притвор доби 43- годишниот родител од Скопје, кој вчера на младинскиот фудбалски натпревар меѓу клубовите „Шкупи“ и „Брегалница“ во Штип, физички напдна двајца малолетни фудбалери...

Обвинителство бара притвор за родителот што нападна двајца малолетни фудбалери на натпревар меѓу младинските екипи на фудбалските клубови „Брегалница“ и „Шкупи“ на стадионот „Бело брдо“ во Штип.
Во 89-тата минута од натпреварот, помеѓу фудбалските клубови „Брегалница“ и „Шкупи“ во рамки на републичкото пионерско коло, судијата поради прекршок му доделил втор жолт картон и го исклучил од игра синот на осомничениот, играч на „Шкупи“.
Незадоволен од одлуката, тој почнал да се однесува неспортски и со тупаници и удар од нога се обидел да се пресмета со еден од фудбалерите на „Брегалница“. На терен влегол неговиот татко и со тупаници и клоци почнал да удира две деца, фудбалери на „Брегалница“, нанесувајќи им телесни повреди, како набиеници и скршеница на нос без дислокација.
Според полицијата, на игралиштето влегле и други лица од публиката што спречиле натамошна ескалација на настанот. Од МВР соопштија-веднаш по нападот напаѓачот е уапсен од Секторот за внатрешни работи. Двајцата малолетници се пренесени во Клиничката болница во Штип за укажување помош.
Од Фудбалската федерација на Македонија и фудбалскиот клуб „Брегалница“ најостро го осудија инцидентот.
„ФФМ ќе ги преземе сите неопходни чекори – поведена ќе биде дисциплинска постапка против ФК Шкупи и одговорните лица, а сторителите на овој брутален чин ќе се соочат со соодветни санкции. Нашата порака е јасна – со насилство, на кое било ниво, нема компромис“-стои во реакцијата на ФФМ.
„Не смееме да дозволиме ваква слика да се повтори на кој било фудбалски и спортски терен. Теренот мора да биде место за натпреварување, за фер игра и за покажување на манири кои се учат од најмала возраст“, порачуваат од клубот „Брегалница“.
И покрај Законот за насилство и недостојно однесување на спортските натпревари којшто земјава го има од 2004 година, сепак во изминатиов период сè почесто доминираат инцидентите на спортската сцена.
Ана Јосифоска
