Македонија

Обвинителство: Истрага против криминална група за даночно затајување, даночна измама и перење пари

25.08.2025 19:56

Отворена истрага за 13 лица, седуммина се приведени. По барање на Обвинителството, судија на претходна постапка им определи притвор. Се сомничат за даночно затајување, даночна измама и перење пари при набавка на нафтени деривати. Продавале во кеш, фиктивните фактури ги пријавувале како дневен промет и барале поврат на ДДВ. Го оштетиле буџетот за околу седум милиони евра. Предистражната постапка на Финансиската полиција и Обвинителството траела околу две години…

Обвинителство отвори истрага за криминална група. Осомничени се 13 лица, меѓу кои се и четворица косовски државјани и една државјанка на Република Хрватска. Се товарат дека од 2014-ти до 2023-ти година организирале и учествувале во криминална група со цел стекнување противправна имотна корист преку даночно затајување, даночна измама и перење пари со што осомничените го оштетиле Буџетот на државата во големи размери.

„Групата креирала мрежа од правни субјекти преку кои се вршела продажба и фиктивна трговија со нафтени деривати, се изготвувале фактури со невистинита содржина, со цел да се избегне плаќањето на даночни обврски и да се оствари незаконски поврат на ДДВ. Преку правни лица што не поседуваат дозволи за трговија со нафтени деривати се вршела набавка, транспорт и продажба на еуросупер, еуродизел и екстралесно гориво, со намера да избегнат целосно или делумно плаќање на законски предвидените даночни обврски“, велат од Обвинителството.

Акцијата што утрово беше спроведена е резултат на двегодишна предистражна постапка што ја водеше Обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција во координација со Управата за финансиска полиција. Беа извршени претреси на осум локации во Куманово, Желино, Липково и Никуштак.

„По налог на јавен обвинител од Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција, во акцијата со асистенција на специјалната антитерористичка единица „Тигар“, од слобода се лишени седум лица и истите се изведени пред судија на претходна постапка, при Основниот кривичен суд, а едно лице не е достапно на органите на прогонот“, соопштуваат од Обвинителството.

Јавниот обвинител достави предлог за определување на мерка притвор за сите осомничени. До сега се обезбедени седуммина за кои е прифатен предлогот на Обвинителството. Судот им определи мерка притвор во траење од 30 дена, за останатите – петтемина странски државјани и еден македонски, мерката притвор ќе биде определена во отсуство.

Александра Спировска