Блиски Исток

Трамп: Војната во Газа ќе заврши за неколку недели

26.08.2025 09:30

Трамп тврди дека САД и Израел продолжуваат да вршат притисок врз милитантната група Хамас да ги ослободи преостанатите заложници, како и за обезбедување храна и помош за Палестинците. Шефот на Белата Куќа не е среќен поради израелскиот напад врз болница во Газа, во кој загинаа 20 лица. И Израел изрази жалење за жртвите. Светските лидери и Обединетите Нации со осуда за последните напади...

Војната во Појасот Газа ќе заврши за неколку недели, уверува американскиот претседател. Трамп тврди дека САД и Израел продолжуваат да вршат притисок врз милитантната група Хамас да ги ослободи преостанатите заложници, како и за обезбедување храна и помош за Палестинците.

„Неодамна испративме храна во вредност од 60 милиони долари таму, и дури не знам дали луѓето го знаат тоа. Имаме многу храна, но испраќаме многу од неа во Газа и храниме многу луѓе. И мислам дека во следните две до три недели, ќе имаме прилично добар, убедлив крај. Тешко е да се каже бидејќи тие се борат илјадници години. Тоа е жариште кое отсекогаш било жариште“, изјави Доналд Трамп, претседател на САД.

Шефот на Белата Куќа не е среќен поради израелскиот напад врз болница во Газа, во кој загинаа 20 лица, вклучувајќи спасувачи кои се обидуваа да ги евакуираат ранетите и петмина новинари. И Израел изрази жалење за жртвите.

„Свесни сме за извештаите дека е нанесена штета на цивили, вклучително и новинари. Би сакал да бидам јасен, Израелската одбрана ненамерно ги таргетира цивилите. Секој инцидент што предизвикува загриженост во овој поглед се решава од страна на релевантните механизми. Ние работиме во исклучително сложена реалност. Терористите на Хамас намерно ја користат цивилната инфраструктура, вклучително и болниците, како штитови“, изјави бригадниот генерал Ефи Дефрин, портпарол на израелската војска.

Светските лидери и Обединетите Нации со осуда за последните напади. Повикаа на брза и непристрасна истрага за убиствата на Палестинците во Газа. Организацијата одново побара неограничен проток на хуманитарна помош.

„Овие најнови ужасни убиства ги истакнуваат екстремните ризици со кои се соочуваат медицинскиот персонал и новинарите додека ја извршуваат својата работа во овој брутален конфликт. Канцеларијата за координација на хуманитарни прашања предупредува дека тековните воздушни напади и непријателствата, вклучително и нападите врз здравствената заштита, предизвикуваат дополнителни жртви и оштетуваат и уништуваат критична цивилна инфраструктура“, истакна Стефан Дујарик, портпарол на Генералниот секретар на ООН.

Израелскиот премиер претходно изјави дека одлуката на неговиот кабинет за безбедност да и нареди на армијата да го преземе градот Газа во наредните месеци, е недвосмислена. Според Нетанјаху воениот план би можел да помогне во напорите за ослободување на преостанатите заложници, за кои се верува дека се држат претежно во централниот дел од енклавата. Хамас држи 50 заложници. Се верува дека 20 од нив сè уште се живи.

Маријана Димовска