Здравје

Полна рака бадеми – природна заштита од предвремено стареење и воспаленија

26.08.2025 09:21

Само 60 грама дневно ја подобруваат одбраната на телото и ја чуваат кожата, срцето и клетките. Научниците велат дека ова е природен начин да се заштитите од воспаленија и предвремено стареење …

Редовното јадење бадеми може да биде клуч за подобро здравје, покажува истражување објавено во списанието „Scientific Reports“. Според анализата на осум клинички студии, дневниот внес од околу 60 грама бадеми – што е една полна рака – значително го намалува оксидативниот стрес и оштетувањето на ДНК, процеси кои се поврзуваат со стареење, воспаленија и појава на хронични болести.

Научниците забележале дека колку е поголема количината на бадеми што се консумира, толку е поизразен заштитниот ефект. Учесниците кои јаделе повеќе од 60 грама дневно покажале намалени маркери за оштетување на клетките, а воедно и зголемена активност на ензимите што го штитат организмот – особено Супероксид дисмутазата (СОД), познат по својата антиоксидантна улога.

Иако бадемите се вистинска „суперхрана“ – богати со витамин Е, здрави масти и полифеноли – нутриционистите предупредуваат дека тие имаат и висока калориска вредност. Затоа, препораката е да се консумираат умерено и како дел од балансирана исхрана, а не како дополнителен извор на калории.

Авторите на истражувањето нагласуваат дека бадемите имаат голем потенцијал како природна заштита на клетките од стрес и воспалителни процеси. Сепак, тие додаваат дека се потребни уште стандардизирани истражувања, бидејќи резултатите може да зависат од повеќе фактори – начинот на подготовка, здравствената состојба на луѓето и нивните навики во исхраната.