Трамп и Меѓународната заедница со осуда за последниот израелски напад врз болница
Шефот на Белата куќа тврди дека војната во Газа ќе заврши за неколку недели. Трамп и Меѓународната заедница со осуда за последниот израелски напад врз болница во кој загинаа спасувачи и новинари. Во поголемите градови во Израел, масовни демонстрации за крај на војната и враќање на заложниците …

Војната во Појасот Газа ќе заврши за неколку недели, уверува американскиот претседател. Трамп тврди дека САД и Израел го продолжуваат притисокот врз милитантната група Хамас да ги ослободи преостанатите заложници. Продолжуваат и напорите за обезбедување храна и помош за Палестинците.
„Неодамна испративме храна во вредност од 60 милиони долари таму, и дури не знам дали луѓето го знаат тоа. Имаме многу храна, но испраќаме многу од неа во Газа и храниме многу луѓе. И мислам дека во следните две до три недели, ќе имаме прилично добар, убедлив крај. Тешко е да се каже бидејќи тие се борат илјадници години. Тоа е жариште кое отсекогаш било жариште“, изјави Доналд Трамп, претседател на САД.
Шефот на Белата Куќа не е среќен по израелскиот напад врз болница во Газа, во кој загинаа 20 лица, меѓу кои спасувачи и петмина новинари. И Израел изрази жалење за жртвите, но нападите продолжија и денеска.
„Израелската одбрана ненамерно ги таргетира цивилите. Секој инцидент што предизвикува загриженост во овој поглед се решава од страна на релевантните механизми. Ние работиме во исклучително сложена реалност. Терористите на Хамас намерно ја користат цивилната инфраструктура“, изјави Бриг. генерал Ефи Дефрин, портпарол на израелската војска.
Светските лидери и ООН со осуда за нападите.
„Овие најнови ужасни убиства ги истакнуваат екстремните ризици со кои се соочуваат медицинскиот персонал и новинарите додека ја извршуваат својата работа во овој брутален конфликт“, изјави Стефан Дујарик, портпарол на Генералниот секретар на ООН.
Во Израел масовни демонстрации откако Форумот за заложници и исчезнати семејства го прогласи вторник за „Национален ден на борбата“ за крај на војната и враќање на киднапираните.
„Поголемиот дел од израелскиот народ сака крај на страдањето на заложниците и луѓето во Газа. Ги повикуваме светските лидери, лидерите на слободниот свет и претседателот Трамп да ни помогнат да ја завршиме оваа ужасна трагедија, да ја завршиме војната, прекин на огнот сега и враќање на сите 50 заложници дома“, изјави демонстрант.
Израелскиот премиер претходно изјави дека одлуката на неговиот кабинет за безбедност да и нареди на армијата да го преземе градот Газа во наредните месеци е недвосмислена. Според Нетанјаху воениот план би можел да помогне во напорите за ослободување на преостанатите заложници. Хамас држи 50 заложници, се верува дека 20 од нив сè уште се живи.
Маријана Димовска
