Кривичен законик

Затворски казни за лицата кои учествуваат во странски војни

22.08.2014 17:05

Македонија го допрецизира Кривичниот законик во однос на учеството на македонските граѓани во странски војски и паравоени формации. Секој што учествува, подготвува, финансира или организира поединци или групи ќе биде казнет со најмалку 5 години затвор.

Македонските државјани кои незаконски ќе учествуваат како платеници во странски армии или паравојски ќе се соочат со казна затвор од најмалку 4 години. Најмалку 5 години затвор пак за незаконско организирање, регрутирање, опремување или обучување за учество во странска војска, полиција или паравоена формација или собирање ПАРИ.

Најмалку 4 години затвор за повикување на ова кривично дело преку аудиовизуелни снимки,социјалните мрежи или друг облик на комуникација. Во последно време зачестија вестите дека македонски државјани загинале на боиштата во странство, а се обучувале во западноевропските земји.

,,Податоците за кои ние како безбедносни служби во нашите оперативни проценки може да разговараме и да градиме стратегија, сепак се само оперативни податоци што не би можеле ниту да ги негираме, ниту да ги потврдиме, бидејќи нема надлежна институцијa и што досега практично ваквото однесување на поединците по ниту еден пропис не беше казниво, односно не беше санкциониран“, рече Гордана Јанкуловска, министер за внатрешни работи.

Целта на допрецизирањето на законската регулатива е, вели министерката за внатрешни Јанкулоска, јакнење на националната безбедност и поголем придонес во борбата против тероризмот. Министерката за внатрешни појасни дека не се санкционираат лицата со државјанство на државата што учествуваат во регуларни воени или полициски формации или се дел од меѓународни мировни мисии.

Милчо Велески