Расте притисокот за крај на војната во Украина
Продолжуваат нападите со дронови меѓу Киев и Москва во момент кога се засилува дипломатскиот притисок за крај на војната. Зеленски ја нагласи важноста на обединетиот глас и заедничката европска позиција. Американскиот претседател Трамп вели - за танго се потребни двајца. Доколку не се сретнат Путин и Зеленски, можно е да има последици...

Продолжуваат нападите со дронови меѓу Киев и Москва во момент кога се засилува дипломатскиот притисок за крај на војната. Зеленски се сретна со делегација од меѓународната парламентарна мрежа „Обединети за Украина“. Лидерите разговараа за безбедносните гаранции и резултатите од неодамнешните состаноци во Вашингтон. Украинскиот претседател ја нагласи важноста на обединетиот глас и заедничката европска позиција. Изрази благодарност за поддршката и визијата за Украина како дел од Европската унија.
„Не знаеме какви ќе бидат безбедносните гаранции, но можеме да сметаме на поддршката од Европа и САД. Се надеваме дека мирот ќе дојде што е можно побрзо, но не зависи сè само од нас, од европската страна или од украинската желба. Во секој случај, сакаме да го направиме тоа на праведен и траен начин за мир“, изјави украинскиот претседател, Володимир Зеленски.
Трамп изјави дека рускиот и украинскиот претседател треба да се сретнат, а доколку тоа не се случи може да има последици.
„Потребни се двајца за танго. Мислам дека треба да се сретнат и да го склучат договорот. Верувам дека ќе ја завршиме таа војна. Фокусиран сум да се запре војната во која минатата недела загинаа 7.109 војници и руски и украински. Ваква војна немало од Втората Светска Војна“, рече американскиот претседател, Доналд Трамп.
Шефот на украинската дипломатија, Сибиха, во телефонски разговор со американскиот државен секретар Рубио изјави дека безбедносните гаранции што Киев треба да ги добие мора да вклучуваат воени, дипломатски и правни мерки. Стејт департментот објави дека продолжуваат со координирање на дипломатските напори за завршување на руско-украинската војна, преку долгорочно договорено решение.
Катерина Бојаџиева
