Култура

Прва проба на претставата „Куршуми над Бродвеј“ во Драмски театар Скопје

26.08.2025 16:00

Работењето на претставата „Куршуми над Бродвеј“ е второ гостување на режисерот Витанов во Драмски театар. Тој денеска, на првата проба, истакна дека „Куршуми над Бродвеј“, или приказна за моралните и реалните „убиства“ зад сцената, е негова драматуршка обработка и адаптација на познатиот филм „Куршуми над Бродвеј“, напишан од генијалниот Вуди Ален и Даглас Мекграт...

Во пресрет на новата театарска сезона, во Драмски театар Скопје денес се одржа првата проба на претставата „Куршуми над Бродвеј“. Директорот на Драмски театар, Роберт Вељановски, му посака добредојде на режисерот Ненад Витанов, а на колегите им посака успешен процес на подготовка на четвртата претстава од годинешната програма на театарот, поддржана од Министерството за култура и туризам.

Работењето на претставата „Куршуми над Бродвеј“ е второ гостување на режисерот Витанов во Драмски театар. Тој денеска, на првата проба, истакна дека „Куршуми над Бродвеј“, или приказна за моралните и реалните „убиства“ зад сцената, е негова драматуршка обработка и адаптација на познатиот филм „Куршуми над Бродвеј“, напишан од генијалниот Вуди Ален и Даглас Мекграт. Филмот бил номиниран во седум категории за наградата „Оскар“, меѓу кои и за најдобро сценарио.

Во претставата „Куршуми над Бродвеј“, во режија, драматизација и адаптација на Ненад Витанов, костимографијата ѝ е доверена на Елена Вангеловска, сценографијата на Филип Витанов, а за кореографијата е задолжена Маја Каревски.

Улогите ги толкуваат актерите на Драмски театар: Игор Стојчевски, Сашо Тасевски, Јелена Жугиќ, Александар Степанулески, Јована Спасиќ, Александра Павлова – Бубања, Предраг Павловски, Калина Наумовска, Роберт Вељановски, Златко Митревски, Ања Митиќ, Денис Абдула, и двајца гости – студенти по актерска игра. Инспициент на претставата е Гоце Бојчев, а суфлер – Жаклина Цветковска.

Премиерата на новата претстава „Куршуми над Бродвеј“ е планирана за втората половина на октомври.