Финансии

Полесен пристап до кредити за купување прв стан

26.08.2025 17:01

Народната банка ќе го олеснувава пристапот до кредит за оние што првпат купуваат сопствен дом и се соочуваат со високите цени на станови. Ќе се заострат критериумите за недвижностите како инвестиција. Мерките ќе бидат објавени за две недели, вели гувернерот Славевски. Ќе се казнуваат сите што ќе ги злоупотребат поволните пари за живеалиште...

Енормно растат цените на становите во Скопје, дел од граѓаните не можат да си дозволат ниту сопствен стан. Народната банка иницира категоризација на кредитите. Ќе го олеснува пристапот за кредитирање на оние што за првпат купуваат дом, се разгледува и мерката за враќање на данокот за додадена вредност. На овој начин ќе им се овозможи на младите брачни двојки и луѓето побрзо да дојдат до сопствени живеалишта. Ќе има и казни за злоупотреба на мерката, нема да може да земаат поволни пари од банките оние што не пријавиле живеалиште на таа адреса во станот што го пазареле.

Агенцијата за катастар на недвижности не располага со податоци за сегашните цени за становите, информациите ги добиваат од нотарите за предкупопродажни договори склучени пред 3-4 години со многу поразлични цени.

Со ваков пристап кон купопродажба на недвижностите, се очекува да се стави под контрола еуфоријата за купување станови и зголемувањето на цените за метар квадратен простор, особено во главниот град.

Ирина Гелевска