Добиточните пазари затворени поради болеста син јазик

22.08.2014 17:15

Угинување на стоката и намалено производство. Сточарите во страв по појавата на болеста син јазик. Стравуваат дека ќе претрпат огромни штети. Од Факултетот за ветеринарна медицина со пораки до сточарите како да ја превенираат болеста и да ги минимизираат штетите. Болеста не претставува опасност за човекот.

Болеста син јазик се прошири и во карбинските села. Сточарите стравуваат дека ќе останат без единствената егзистенција. Велат дека се заболени околу 20 проценти од стадата, овци и говеда.

Имав 600 овци, а сега ми останаа 400.  Не можат да стигнат до водопоилото. Умираат попат. Јазикот им поцрне, качија температура и им отекоа главите. Викавме ветеринар, вели дека не се лекува“,  изјави Мумин Омер, сточар.

„Вака како што тргнало, може  да изумре целиот добиток. Сите стада ќе ги изгубиме“, изјави вели Емин Омер, сточар.

Надлежните ги затворија добиточните пазари сè до смирување на ситуацијата. Досега се регистрирани околу 80 жаришта во 18 општини. Експертите советуваат до сточарите кои можат да ги минимизираат штетите.  Препорачуваат заболената стока да се одвои од остатокот од стадото и да превземат мерки за дезинсекција. Вакцинацијата во вакви услови не помага.

„Морталитетот варира, може да биде понизок или повисок, до максимални 10 проценти, најчесто околу 3 или 4 проценти. Не постои некое правило, зависи од состојбата, превземените мерки, терапијата во случај на појава на болеста“, изјави м-р  Кирил Крстевски од Факултетот за ветеринарна медицина.

Вирусот не се пренесува од животно на животно, од човек на човек, ниту преку производите. Млекото и месото се безбедни. Преносител кај животните се мушичките кои доаѓаат од Африка. Последен пат во земјава, болеста син јазик е регистрирана пред околу пет години.

Мартин Пушевски