Власта уверува дека нема да има застој во работата на Собранието при носење на законите со Бадентерово мнозинство
Измените за Изборниот законик, Законот за локалната самоуправа и за Народниот правобранител останаа нерешени прашања пред распустот на народните избраници. Иако лебдат дилемите за обезбедување на Бадентеровото мнозинство за дел од законските решенија, власта уверува дека застој во работата на парламентот нема да има. Од ДУИ со став-без нив не може да се донесат правила за избори...

Нема да има застој во работа на Собранието при носење на законите со Бадентерово мнозинство-уверуваат од владејачката коалиција. Изет Меџити од ВРЕДИ оценува дека нема многу спорни прашања. Тој е оптимист, ќе се најдат можности да се надминат недоразбирањата со албанската опозиција за клучните законски решенија.
Не може без ДУИ да се донесат правила за избори-дециден е потпретседателот на партијата Османи. Според него и во најтешките времиња во државата не се носеле еднострани изборни решенија. Целта е на Владата да се изолира албанскиот политички фактор – вели Османи.
Досега нема официјална потврда за разговори и договори во албанскиот кампус на тема усогласување за измените за Изборниот законик, Законот за локалната самоуправа и за Народниот правобранител. За овие законски решенија, народните претставници ќе одлучуваат по завршувањето на локалните избори.
Марина Стојанова - Тонева
