Судир за трошоците за Самитот на ОБСЕ

ВРЕДИ со пријава за Османи, Обвинителството проверува

26.08.2025 16:48

ВРЕДИ поднесе пријава за Османи. Коалицијата бара од Обвинителството да истражи на што потрошил ексминистерот два милиона евра за Самитот за ОБСЕ. Тој тврди-сè е чисто, Меџити губи па фабрикува афери …

ВРЕДИ во Обвинителството поднесе пријава за Бујар Османи за организирање на Самитот на ОБСЕ. Велат, ревизорите утврдија дека се потрошени околу два милиони евра без соодветна документација, без евиденција за испорачаните стоки и услуги.

Османи вели, ниту Обвинителството за организиран криминал, ниту Антикорупциска не откри нелегалности во организирањето на Самитот. Истрагата тогаш ја иницирал самиот Османи како министер за надворешни работи.

И додека од ВРЕДИ посочуваат оти Обвинителството има законска обврска да отвори случај по негативен ревизорски извештај, потпретседателот на Владата, Меџити вели-каде е Османи таму има злоупотреби.

Се огласи и Обвинителството:

„Во однос на извештајот за Јавното претпријатие за стопанисување со објекти за спорт во 2023 година, истиот е доставен до Обвинителството и во јуни 2025 година е испратен на надлежно постапување во ОЈО Скопје. Оформен е предмет и се преземаат дејствија за проверка на наводите.“

Иако има уште еден месец до почеток на изборната кампања, сè поочигледно е заострувањето на речникот меѓу политичките чинители во земјава.

Миле А. Ристески